
Превод на делото: Alma y los siete monstruos / Iria G. Parente, Selene M. Pascual
Наслов: Алма и седумте чудовишта / Ирија Г. Паренте, Селене М. Паскуал ; илустрации Ирис Де Муј ;
Превод од шпански Катерина Јосифоска
978-608-253-216-5
Под креветот на Алма живеат седум чудовишта.
Првото е ситно, ама нервозно.
Второто чудовиште е тешко барем еден тон и од него на Алма секогаш ѝ се спие.
Третото има огромни очи. Постојано ја набљудува. Затоа Алма не може да заспие.
Четвртото е слатко и шарено и постојано ѝ го привлекува вниманието.
Петтото е малечко, но исклучително убедливо и ја тера да се сомнева во сè.
Шестото е тажно и постојано плаче.
Седмото се храни со лутината на Алма и секој ден е сè поголемо и поголемо.
Чудовиштата не се согласуваат баш најдобро. Понекогаш се караат и си пречат едно на друго. Но, имаат нешто заедничко: не сакаат за нив да се зборува. Бидејќи знаат дека можат да нè победат, само ако останат наша тајна.
Немој да се грижиш, ова не е хорор приказна, иако во неа има стравови, мрак и чудовишта. Ова е поинаква приказна. Таа во која се запознаваме со чудовиштата за да им се спротивставиме.
Белешка за авторките

Ирија Г. Паренте (1993) и Селене М. Паскуал (1989) се шпански писателки по потекло од Мадрид и Виго.
Својот прв роман „Хартиени латици“ (2012) го напишаа заедно и го објавија бесплатно на интернет. На тој начин успеаја да привлечат повеќе од 10.000 читатели. Романот ги поттикна да пишуваат и тие продолжија да творат.
Во 2014 година го објавија романот „Алијанси“, првата книга од трилогијата „Приказни за полната месечина“.
Популарниот шпански дневен весник El Pais го прогласи овој роман за една од најдобрите книги за млади во 2014, а во 2015 година, со истиот роман ја освоија наградата El templo de las mil puertas.
Белешка за преведувачката

Катерина Јосифоска е родена во 1982 година во Скопје, каде завршила основно и средно училиште. Дипломирала на Катедрата за општа и компаративна книжевност на Филолошкиот факултет во Скопје, магистрирала филозофија на Филозофскиот факултет, а докторирала на Катедрата за општа и компаративна книжевност на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје. Преведува од германски, шпански и англиски јазик. Во 2015 година ја доби наградата за превод „Златно перо“ за превод на романот „Човек без својства“ од Роберт Музил.
